Мини компјутерите стануваат се попопуларни, особено после развојот на се помали и помоќни чипови, како и ултра брзи SSD дискови со многу мали димензии. Zotac лансираше нов мини компјутер, кој има можност за два дискови (SSD или HDD), кои можат да се поврзат во RAID конфигурација.
За оние што не знаат, RAID конфигурацијата овозможува двата дискови да функционираат како еден и ефективно дупло да се зголеми брзината на читање и впишување податоци, или пак да се зголеми капацитетот на дискот, без притоа да има различни партиции. Во малото куќиште на Zotac ZBOX RI323 и RI531 може да се сместат два дискови поврзани со RAID 0, RAID 1 или JBOX конфигурација, а има и mSATA слот за помал SSD диск, кој може да работи одделно од другите.
Бидејќи се работи пред се за модуларен систем, од фабрика компјутерот доаѓа само со mSATA диск со капацитет од 64 GB и на корисникот му е оставено да избере како ќе го надгради капацитетот. Исто така, чипсетот може да поднесе две рам плочки со максимален капацитет до 16 GB.
И покрај малите димензии, моќните процесори (Core i3 и Celeron) и вградената графичка од Intel во внатрешноста ќе овозможат мазна репродукција на 4K видео. Одлично е покриена и поврзливоста, со вграден Wi-Fi 802.11 AC, Bluetooth 4.0, USB 3.0, HDMI, DisplayPort, Ethernet и дури и сериски порт со 9 пинови.
Засега нема информации за цената на овој мини компјутер на Zotac, но очекувајте да е повисока отколку на конкурентите, особено поради модуларната природа.
Извор: Geek