zte-tv-2

Кинескиот производител на паметни телефони ZTE, спрема голем телевизор, кој нема да има само вграден софтвер како сите паметни телевизори, туку во него ќе може да го ставите и Вашиот паметен телефон и да ја пренесете целата негова функционалност на големиот екран.

Да, на задниот дел на телевизорот има дел каде ќе може да се стави смартфон, веројатно производство само на ZTE и целата слика ќе се пренесе на големиот екран, кој има и можност за допир, што значи дека телевизорот ќе може да се користи како еден гигантски таблет. Колку е корисен екран на допир со оваа големина е дискутабилно секако, но ZTE веројатно ќе вклучи и далечински управувач.

Екранот инаку има големина од 55 инчи во дијагонала (140 сантиметри) и 4K резолуција, а во внатрешноста се вградени и 2 GB рам меморија и 16 GB простор за складирање податоци, што значи дека телевизорот ќе има и свој оперативен систем, веројатно Android TV, со кој ќе може самостојно да функционира.

Вака работите делуваат малку појасно, бидејќи доколку корисниците требаше да се потпрат само на својот смартфон за паметни содржини на телевизорот, тоа е исклучително лошо решение – замислете ви заѕвони некој додека телефонот е во телевизорот и ќе треба да станете да го земете… Ноќна мора!

zte-tv-1

Засега нема сигурни информации за тоа кога овој телевизор ќе биде достапен за корисниците, но има голема можност да биде претставен на саемот за технологија CES во Лас Вегас на почетокот од наредната година.

Извор: TechnoBuffalo, Liliputing, Android Community

Претходна статијаСмартпортал неделник 7 – 13 декември 2015
Следна статијаOukitel K10000 е смартфон со гигантска батерија од 10.000 mAh