Оваа информација е објавена во книгата која што треба да излезе од David Axelrod, главниот советник за кампањи на Barack Obama. Во неа тој објаснува дека уште пред Obama да стане претседател и пред официјалното претставување на првиот iPhone, тој му бил покажан од страна на Steve Jobs лично.
Steve Jobs го има покажано телефонот на приватен состанок кој што се има одржано во 2007 година. Obama наводно веднаш го познал потенцијалот на телефонот и изјавил дека доколку не би било нелегално, тој би купил голем број на акции од Apple. Времето покажа дека тоа би било навистина добра одлука од негова страна.
Акциите на Apple во тоа време се продавале по цена од околу 12-14 долари од акција. Денеска нивната вредност изнесува околу 120 долари, што покажува дека секој кој што во тоа време купил поголем број на акции, денеска може да направи огромен профит од нивното продавање.
Инаку, Apple минатата недела оствари рекорден профит кој што е најголем за било која компанија во светот. Резултат на тоа е влегувањето на пазарот на поголеми телефони, нешто што од Apple се очекуваше веќе одреден период. Новите iPhone 6 и 6 Plus модели се продаваат во рекордни бројки, додека конкурентот Samsung бележи пад.
Сепак, во месеците што следат се очекуваат претставувања на новите главни модели од поголемите производители, па можна е и промена на бројот на продажби на овој пазар. Од Samsung се очекува да направи значајни промени кои што треба да ја вратат популарноста на нивните модели од S класата, па ќе видиме дали истото ќе успеат да го направат. Samsung Galaxy S6 ќе биде претставен на 1-ви Март на почетокот од MWC настанот.