Apple официјално испрати покани за настан наречен „Special Experience“ кој ќе се одржи на 4 март 2026 година. За разлика од традиционалните презентации кои се емитуваат од седиштето во Купертино, овој пат станува збор за настан кој ќе се одвива симултано во три градови, односно Њујорк, Лондон и Шангај.
Компанијата го категоризира како искуство наместо класичен настан, што сугерира дека фокусот ќе биде на директен контакт со новите уреди за присутните медиуми. Сѐ уште не е познато дали ќе има видеа од настанот или Apple само ќе ги објави статиите со новите производи.
Поканата вклучува 3D лого на Apple во жолта, зелена и сина боја, што според досегашните информации алудира на боите во кои ќе биде достапен новиот, поевтин модел на MacBook. Се очекува овој лаптоп да користи A18 Pro чип, познат од iPhone серијата, наместо стандардните процесори од M-серијата, со цел цената да биде пониска.
Покрај овој буџетски модел, се предвидува и освежување на постоечката линија на компјутери со нови MacBook Pro модели опремени со M5 Pro и M5 Max чипови, како и нов MacBook Air со M5 процесор.
На полето на мобилни уреди, се очекува премиерата на iPhone 17e. Овој модел треба да донесе надградби како A19 чип и поддршка за MagSafe полнење, задржувајќи ја основната форма на својот претходник.
Во делот на таблетите, се предвидува претставување на нова генерација iPad Air која ќе го користи M4 чипот, како и основен модел на iPad од 12-та генерација придвижуван од A18 процесорот.
Не сум сигурен дали на овој настан може да се очекуваат и нови верзии од Mac Studio, Mac mini, iMac, како и новите монитори од Apple.











































