Google официјално ги потврди датумите за својата најголема годишна конференција за програмерите. Google I/O 2026 ќе започне на 19 мај, а ќе трае до наредниот ден, односно 20 мај. Како и минатите години, главниот настан ќе биде достапен за следење во живо преку интернет, а регистрацијата за програмерите е веќе отворена на официјалната страна на компанијата.
Главната тема на конференцијата се очекува повторно да биде вештачката интелигенција, поточно понатамошниот развој на Gemini јазичните модели. Според првичните најави, Google ќе се фокусира на „агентските“ способности на ВИ, што подразбира системи кои можат самостојно да извршуваат покомплексни задачи наместо само да одговараат на прашања. Ова вклучува интеграција во сите постоечки сервиси како Gmail, Docs и Chrome, но и нови алатки за програмерите кои користат Gemini за пишување код.
Покрај софтверот за вештачка интелигенција, централно место ќе заземе и Android 17. Првите тест верзии на овој оперативен систем веќе се појавија во јавноста, а на I/O 2026 се очекува детална презентација на сите нови функции. Гласините укажуваат на подлабока интеграција на напредни ВИ функции директно во јадрото на системот, подобрена ефикасност на батеријата и нови решенија за прилагодување на корисничкиот интерфејс кај уреди на преклоп.
Интересен аспект на овогодинешната најава беше и интерактивната загатка на официјалната веб-страница, која беше придвижена од моделите Gemini 3. Ова е јасен сигнал дека Google планира да ја прикаже третата генерација на својот јазичен модел како следен голем чекор во еволуцијата на нивната технологија.
Во делот на хардверот, иако примарниот фокус е на софтверот, постои можност за нови детали околу соработката со Samsung за нивните уреди за проширена реалност, како и потенцијална најава за нови паметни очила опремени со вештачка интелигенција.







































