14089163_1093433934057751_3040417319510818014_n

Датум: среда, 31.08.2016
Почеток: 17:30, Детски Полигон, Парк Македонија (спроти Веро Тафталиџе)
Крај: пикник во СРЦ Сарај
Организирано враќање до Центар: 20:30

Велат еднаш штом научиш да возиш точак, не се заборава.
Тоа е меморија вградена во врската меѓу невроните и мускулите.
Да се вози точак е една од наједноставните и најрадосните активности која речиси секое дете низ игра ја научува, но тоа не значи дека не е неопходна и формална едукација.

Секојдневно среќаваме луѓе кои со децении користат велосипед, но возат од лева страна на улицата и нè доведуваат во опасност нас кои возиме правилно, од десна… Не даваат сигнали и непредвидливо се однесуваат.

Неспорна е неправдата која дизајнот на нашите градови им ја нанесува на учесниците во сообраќајот на точак, неспорно е дека улиците не се пријателски и лесно насочувачки за точаци. Оттаму донекаде е разбирливо хаотичното движење и јасна е револтираноста која сите на точак ја имаме.

Но сообраќајната едукација нема само да нè дисциплинира нам, нема да помогне само велосипедистите да се однесуваат побезбедно во постоечките лоши услови, туку на сите граѓани ќе им даде вештини и сознанија за подобри услови и ќе ги збогати со информации кои ќе им помогнат да се изборат за такви услови. Повеќе луѓе кои знаат за ефектите од сите типови сообраќај кон природата, здравјето, безбедноста…ќе значи и повеќе луѓе кои ќе бидат повнимателни во изборот на превоз и во односот кон другите учесници во сообраќајот.

Додека во Данска се грижат зашто ДУРИ секое 4-то дете меѓу 6 и 10 години го носат родителите со кола на школо и дека САМО 43 % од децата меѓу 10 и 16 години оделе сами со точак на улиште, каква е ситуацијата кај нас?

Научно е докажано дека децата кои пристигнуваат на школо пешки или со точак, подобро се концентрираат. Познати и многу споменувани се и другите бенефити од користењето на точакот… Дали преземаат нешто нашите институции да го обезбедат тоа? Какви се пристапите кон училиштата? Слободни за пешаци и велосипедисти или блокирани со коли? Дали до секое школо стигнува безбедна пешачка и вело-инфраструктура? Дали околу школите функционираат зоните на смирен сообраќај?
Дали децата го добиваат потребното образование за снаоѓање во сообраќајот?

И додека условите навистина не се безбедни за да поканиме мали деца да одат сами со точак на школо… сепак треба да ги научиме на вештините на управување со нивното прво возило и на правилата за учество во сообраќајот. На областите инфраструктура и култура мора паралелно да се работи.

Има сериозни сомневања дека намалувањето на фондот на часови за сообраќајно образование, занемарување на вело-полигоните и слични потези во лоша насока кај децата во минатото создале неодговорни возрасни учесници во сообраќајот денес без оглед на превозното средство.

Образованието е еден од темелите на кои треба да се гради општата сообраќајна култура вклучително и вело-културата.

Секоја сериозна национална и локална власт во ера на климатски промени треба да донесе национална и локална стратегија за поттикнување на активниот и незагадувачки транспорт (пешачење и возење велосипед). Една од областите низ кои таа стратегија треба да се спроведе е образованието.

  • Предшколско вело-образование преку игра, на забавен начин за децата.
  • Сообраќајно образование на деца во основни и средни школи. Теоретски и практични вежби со велосипед на полигон и под менторство низ реален сообраќај
  • Мултимодално образование во авто-школите. Ставање во улога на пешак и велосипедист на идните возачи.

На 1-ви септември ќе почне уште една школска година сиромашна за содржините кои ги спомнуваме, а кои се суштински за побезбеден сообраќај и почист воздух, поодржливи градови и поздрави и посреќни граѓани.

Во текот на таа година да се избориме следната да биде поинаква!

Врти сучи, врти на точак и учи!
Се гледаме на Критична маса!

*** Секој учесник вози на своја одговорност.

Извор: На точак

Претходна статијаQuick Assist во Windows 10 ви овозможува да контролирате друг компјутер
Следна статијаLatitude 3350 – ултрапреносен, достапен уред од високата класа