Како што се претпоставуваше, Samsung оваа година нешто порано ќе го одржи нивниот летен Unpacked настан на кого изминатите неколку години главните уреди се тие на преклоп.
Сега од компанијата ја потврдија оваа информација, но не ја објавија точната дата, па се што знаеме е дека Samsung Unpacked ова лето ќе се одржи при крајот на јули, односно идниот месец.
Друга промена која доаѓа оваа година е локација на настанот, па за првпат Samsung Unpacked нема да се одржи во некој од големите светски центри како Лондон, Барселона, Сан Франциско и слично.
Настанот ќе се одржи во Сеул, главниот град на Јужна Кореа, односно оваа година претставувањето на едни од најважните уреди на компанијата ќе се случи на домашен терен.
Што се однесува до уредите кои ќе бидат претставени, стандардно тие не се уште сега истакнати, па се очекува тие да бидат Galaxy Z Fold5 и Flip5, а тука се и новата генерација од паметните часовници од компанијата и слушалките.
За Galaxy Z Fold5 се очекува дека ќе дојде со нов механизам за преклоп кој ќе овозможи целосно преклопување на уредот, а тоа ќе ја намали дебелината кога е затворен.
Дополнително, овој нов механизам треба доста да ја намали линијата која се појавува на местото на превиткување на екранот, па истата скоро и да не се забележува.
Galaxy Z Flip5 се очекува дека ќе дојде со доста поголем надворешен екран, нешто што треба да биде главната новина кај овој одличен телефон.