Фото: NASA

Денес е голем ден за вселенското истражување, бидејќи мисијата Artemis II стигнува до еден од најважните моменти од своето десетдневно патување. По успешното лансирање пред неколку дена, астронаутите во леталото Orion конечно ќе направат прелетување околу Месечината. 

За нас во Македонија, главните случувања ќе се одвиваат вечерва и веднаш по полноќ. Периодот на лунарна опсервација, кога астронаутите ќе почнат со собирање податоци и набљудување на површината, започнува околу 20:45 часот. Самиот момент на најблизок приод до Месечината се очекува нешто подоцна, односно во 01:02 часот по полноќ.

Ова е првпат луѓе да се најдат толку далеку во вселената по ерата на легендарните Apollo мисии, а целиот настан ќе биде пренесуван во живо. Сите заинтересирани ќе можат да го следат прелетувањето преку официјалниот YouTube канал на NASA, на нивната веб страница или преку платформата NASA+. 

Преносот во живо од NASA започнува во 19:00 часот по македонско време.

По оваа блиска средба, лунарната гравитација природно ќе го исфрли Orion на траекторија назад кон Земјата. Леталото ќе патува кон дома во наредните неколку дена, а големото финале на мисијата е закажано за 11 април, кога капсулата треба безбедно да слета во водите на Тихиот Океан.

За оние кои можеби пропуштија, Artemis II е историски чекор бидејќи претставува прва мисија со екипаж од новата лунарна програма на NASA, потпирајќи се на моќната SLS ракета. Во леталото се наоѓаат четворица астронаути чија главна задача не е слетување на површината, туку ригорозно тестирање на сите системи за одржување на живот во Orion. 

Ова патување во длабоката вселена е клучниот тест кој треба да докаже дека технологијата е целосно подготвена за следната фаза, односно враќање на човекот на лунарната површина со претстојната Artemis III мисија.

Од YouTube каналот „I Need More Space“ имаат направено одлично видео во живо преку кое може да се следи точната локација на Orion, а можете да го погледнете во продолжение.