Додека знаеме дека за развој на вакцина ќе чекаме уште доста, иако може да бидеме изненадени уште од оваа есен, сепак се надевавме дека ќе се пронајде некој лек кој ќе може да ја ублажи и доволно ефикасно контролира болеста COVID-19 во меѓувреме.
Повеќе лекови се во фаза на тестирање и неколку од нив покажуваат добри резултати, но со повеќето проблем е што тие најмногу ефект имаат кај лицата кои се во почетна фаза од болеста или без разлика на фазата, тие имаат поблаги симптоми кои не се сметаат за сериозни.
На ова треба да се додаде дека и кај овие луѓе ефектите не се 100%, односно имаат ефект кај дел од нив, но никој од лековите скоро и да не прави разлика во смртноста кај тие кои имаат развиено посериозни симптоми.
Еден од најмногу надежните лекови, Ремдесивир, се покажа дека иако има одреден ефект кај луѓето со послаби симптоми, скоро и нема ефект кај тие со посериозна состојба, односно доволно мала разлика за да сепак се нарече статистички маргинална.
Истражувачите во Британија го истакнаа лекот дексаметазон кој одамна се користи и е лесно достапен, а британската влада веднаш му издаде дозвола за користење за третман на COVID-19.
Студијата е направена од страна на истражувачи од Оксфорд Универзитетот со група од 2.104 пациенти кои го добиле дексаметазон и уште 4.321 кои продолжиле со нормален третман како и претходно.
Лекот се администрира или орално или интравенозно во траење од 10 дена. Резултатите покажале дека лекот ја има намалено смртноста кај 35% од пациентите кои биле поставени на машини за дишење и за 20% кај пациентите кои биле ставени само на кислород.
Овие резултати се досега најдобри и иако процентите не се движат накај 90 или 100%, 30% можат да направат огромна разлика во ослободувањето на капацитетите на болниците, а секако и дополнително во ширењето на болеста.
Ова се добри вести посебно по информациите дека американската FDA ја има повлечено итната авторизација за користење на хидроксиклорикин за третман на пациентите со COVID-19, поради недоволно добри резултати, а често и различни кои одат и до таму дека овој лек ги зголемува шансите за смрт.
Овој лек стана познат и најмногу по тоа што прв му даде поголемо значење претседателот на САД Доналд Трамп, па дури и изјави дека има почнато да го пие превентивно одреден период.