Знаеме дека особено многу се загриживте за тоа дали Универзумот е холограм или не. Од друга страна има луѓе (научници) кои се особено многу загрижени да го докажат или побијат ова тврдење, па се обидуваат да смислат начини како да го направат тоа. Ќе се согласите дека процесот не би требало да биде лесен со оглед на колосалноста на неговото значење.
На кратко: Универзумот можеби не е холограм, но исто така можеби не постои начин воопшто да се докаже или побие било кое тврдење во таа смисла. Исто така, има премногу „можеби“ во претходната реченица за да може воопшто да се почне кон методолошки исправно резонирање кон вистината.
На долго: еден тим на научници од Fermilab решија да направат неколку експерименти кои според нив би требало да укажат на тоа дали Универзумот и нашето постоење се холографски или не и тоа со помош на ласери. Имено, според теоријата за холографски принцип, тридимензионалниот простор кој ние го искусуваме може да се претстави со дводимензионална информација на космолошки хоризонт. Преведено на човечки, ова би значело дека во суштина не постои трета димензија туку само две кои ја „имплицираат“ или „создаваат“ третата преку информација при границата на регионот.
Тоа, според некои научници, би значело дека кога работите ќе се сведат на квантно ниво би требало да се утврдат докази за дводимензионалноста на информацијата преку употребата на ласери. Постоењето на енкодирана информација во границата на регионот значи дека постои долна граница на растојание кое може да се постигне или измери за некои димензии (напред-назад, горе-доле, лево-десно), и тоа би се видело како „шум“ или дисторзија на ласерскиот зрак кога е пуштен во различни правци на ниво од разлики при 10^(-35), или 10 милиони милијарди пати помало растојание од еден кварк.
Тимот не успеал да ја утврди оваа дисторзија и ласерот се појавувал таму каде што треба во сите правци без било каков шум, па според нив тоа значи дека теоријата за холограмски Универзум е „веројатно“ погрешна.
Од друга страна, експериментот е контроверзен за многу други и постојат научници кои велат дека е методолошки неисправен, бидејќи ако навистина Универзумот е холограм ние како дел од него нема ни да можеме да го утврдиме тоа со нашите инструменти кои постојат во него и се холограми сами по себе.
За понатамошно поврзано читање проверете ја теоријата за Информационен Универзум.
Извор: IFLScience, ScienceMag