Google оваа недела претстави нова функција на нивниот Android оперативен систем која е наменета за препорачување, односно откривање на апликации и веб страни зависно од тоа каде се наоѓа корисникот.
Nearby е името на функцијата, односно „во близина“, што директно ја објаснува наменета. Ќе дојде како надградба на Play Services на уредите кои работат на Android 4.4 или понова верзија.
Во основа, замислата зад Nearby е да корисникот добие известување дека е достапна одредена апликација или веб страна, секогаш кога ќе биде во близина на локација која доаѓа со поддршка за системот. Поддршка за системот програмерите можат да вклучат преку користење на Eddystone format што претставува отворен beacon формат развиен од страна на Google.
Се работи за оние мали налепници кои станаа познати по можноста да се постават во продавниците и да го детектираат корисникот кога е во близина.
Корисниците ќе треба да ги имаат вклучено локациските сервиси и Bluetooth за да може да функционира Nearby, се разбира на места каде што некој го има искористено форматот и поддршката за сервисот.
Начинот на којшто функционира Nearby, како и реалната намена, најдобро е објаснет преку неколкуте примери кои ги дава Google:
- Препорака за апликација за печатење на сликите од телефонот директно во одредена продавница која ја нуди таа можност и има соодветна апликација
- Симнување на апликација од одреден музеј
- Симнување на аудио фајл во музеи и слични места
- Симнување на апликација од аеродром кога корисникот ќе пристигне и слично
Се работи за интересен додаток на Android кој ќе видиме дали би се користел и во нашата земја од страна на одредени бизниси кои имаат свои апликации или веб страни.
Nearby исто така ќе работи и со одредени уреди, како што се на пример Android Wear часовниците или Chromecast уредот. Кога корисникот ќе биде во близина, ќе добие известување да се поврзе со овие уреди.