Со претставувањето на macOS 26 верзијата од оперативниот систем на кого функционираат Mac компјутерите, Apple ја тргна Launchpad функцијата. 

Launchpad им овозможуваше на корисниците посебен кориснички интерфејс за преглед на сите инсталирани апликации, а тука корисниците можеа да го менуваат редоследот, да ги организираат апликациите во папки и слично. 

Очекувано, по тргањето на оваа функција, се појавија повеќе апликации кои на еден начин ја враќаат назад, односно се наменети да ја понудат истата функционалност. 

Apple изгледа не сака корисниците да можат да ја вратат функцијата која тие се имаат решено да ја тргнат, па од компанијата го блокираат пуштањето на нови верзии од една таква апликација. 

Според програмерот кој стои зад развојот на апликацијата AppGrid, Apple не ги дозволува ажурирањата, но апликацијата е сѐ уште достапна за симнување, може да се купи, а од компанијата продолжуваат да го земаат својот дел од 30%. 

Апликацијата е оставена во „зомби“ состојба според него, па решението засега е корисниците да ја симнат апликацијата од неговата веб страна, наместо преку App Store. 

Ова не е единствената ваква апликација, но другите не се достапни преку App Store, па Apple не може да им ги наложи своите правила. 

Инаку, правилото кое го нарушува оваа апликација е тоа за голема сличност со апликациите и сервисите од Apple, но не е јасно зошто тогаш од компанијата воопшто ја имаат дозволено оваа апликација од самиот почеток, можеби не очекувале дека ќе биде доволно популарна.