Apple ја претстави сопствената Maps апликација и престана да ги користи Google Maps пред 2 години со излегувањето на iOS 6. Меѓутоа иако апликацијата, како и повеќето на iOS, беше направена да изгледа одлично, истата во пракса се покажа дека е полна со багови и грешни информации. Сигурно сите имате прочитано некоја од приказните тогаш за корисник на мапите како се има изгубено поради грешните податоци за местото каде што се обидувал да стигне.
Според информациите до кои што има дојдено 9to5Mac за наредната верзија од iOS оперативниот систем, 8, Apple планира целосно да се сконцентрира на подобрување на оваа апликација, односно средување на нејзините багови, евентуално останати грешни информации, како и додавање на функции барани од корисниците, а достапни на Google Maps апликацијата. За таа цел тие планираат да ги вклучат во својата база податоците од неколку компании купени од нивна страна во изминатиот период, како BroadMap, Embark и HopStop. Така во новата верзија Maps треба да вклучуваат и информации за јавниот транспорт, augmented reality и слични функции.
Се разбира многу од овие подобрувања и нови функции нема многу да им значат на корисниците во Македонија, со оглед на тоа што информациите за јавниот транспорт, на пример, е нешто што ретко може да се најде, а и кога ќе биде овозможено ќе биде достапно само за ограничен број на градови во Америка.
Извор: 9to5Mac