
Според неофицијални извори на порталот 9to5Mac, на ред за имплементација на личниот гласовен асистент Siri е OS X оперативниот систем, односно Mac компјутерите.
Siri по претставувањето на iOS, сега е достапна и на Apple Watch и Apple TV, што ги остава Mac компјутерите единствени без овој познат асистент.
Според информациите, наредната верзија од OS X, поточно 10.12 Fuji, ќе дојде со оваа имплементација, а истата ќе биде најавена и претставена на наредната WWDC конференција во јуни оваа година.
Siri на OS X ќе биде достапна преку горниот панел на којшто веќе се наоѓаат кратенките за Spotlight – функцијата за пребарување и слични. Со притискање на копчето ќе се појави посебен мал кориснички интерфејс на којшто ќе биде ставена анимација од звучни бранови кои ќе се движат при говор.
Се разбира ова се неофицијални информации, па и да се покажат како точни, одредени промени се очекувани до официјалното претставување.
Имплементирањето на Siri и на десктоп оперативниот систем од Apple се чини како логичен потег, со оглед на популарноста на Cortana на Windows 10. Разговарањето со својот компјутер е нешто што досега го гледавме на научно фантастичните филмови, а сигурно предностите од една ваква можност ќе можеме да ги почувствуваме и ние кога некое од овие решенија ќе стане достапно на македонски јазик.