Apple денеска ги пушти најновите верзиите од своите оперативни системи за мобилните и таблет компјутерите. iOS 15.4 и iPadOS 15.4 се верзиите кои корисниците од денеска можат да ги инсталираат со проверка за нови верзии преку Settings > General > Software Update.
За оваа надградба веќе се знаеше дека донесува една доста важна новина, иако може да се каже дека е и малку доцна, а тоа е можноста за функционирање на Face ID системот кога корисникот носи маска.
Маските станаа стандардна „облека“ за корисниците изминатите две години, а иако мерките во голема мера се олабавуваат во светот, на доста места уште е задолжително нивното носење. Досега отклучувањето на телефонот или таблет компјутерот со Face ID и маска беше можно за корисниците кои имаат и Apple Watch, а сега тоа ќе можат да го прават сите.
Прилагодувањето на Face ID може да се каже дека е едноставно, а се надеваме дека нема да биде намалена неговата безбедност. Скенирањето на лицето за отклучување сега се прави повеќе во делот околу очите, наместо целото лице, со што системот може да функционира и кога корисникот носи маска.
Оваа новина е достапна за сопствениците на iPhone 12 и понов, односно на двата последни модели од компанијата.