Не знам за повеќето корисници, но ние во Смартпортал кога проверуваме за нови верзии од апликациите, секогаш сакаме да видиме и дознаеме што ново донесуваат тие верзии. Оваа активност обично вклучува притискање посебно на секоја од апликациите кои се спремни за ажурирање и гледање на листата на новини која е достапна кај секоја апликација.
Ова иако не е нешто што одзема многу време, сепак кога се достапни нови верзии на повеќе апликации станува до некаде досадно сето тоа кликање на секоја апликација за да ја видиме листата.
Најновата верзија од Play Store, поточно 8.0, воведува можност за прегледување на листата на новини кај апликациите кои имаат нова верзија, директно од екранот за ажурирање. Тоа значи дека веќе нема потреба од отворање на страната на секоја апликација, па новините ќе може веднаш да се видат.

Листата со новини нема автоматски да биде отворена, тоа не би било баш најдобро за корисничкиот интерфејс на Play Store, туку до истата ќе се доаѓа со притискање на стрелката која е додадена до секоја од апликациите во делот за нивно ажурирање.
Како што истакнавме во самиот наслов, ова не е некој голем додаток, меѓутоа навистина корисен, а посебно за корисниците кои редовно сакаат да проверуваат што ново им носи новата верзија од нивната омилена апликација.
Play Store 8.0 постепено, како и секогаш, ќе биде пуштена кај корисниците на Android уреди, а за истото може да треба да почекате и до неколку недели, ако не и повеќе.
Извор: TechnoBuffalo, 9to5Google