Во рамките на Huawei Developer Conference 2023, од компанијата ја претставија најновата верзија од нивниот оперативен систем, кој го развиваат од кога го изгубија правото да ги користат сервисите и апликациите од Google.

HarmonyOS 4 е најновата верзија од системот на кого сега веќе работат не така мал број на уреди од смартфоните, часовници, па се до уреди од паметните дом и автомобилите.

Оваа верзија од HarmonyOS донесува доста новини за корисниците на Huawei, како што се можност за избор на фонтот на главниот екран, боите, часовникот и слично. Корисниците исто така ја добиваат можност подобро да го прилагодат „заклучениот екран“.

На овој екран корисниците ќе можат да стават временска прогноза како позадина, а исто така и „емоџи“ икони. Ова е нешто што стана популарно кај уредите од Apple, а кога сме кај инспирираните функции од оваа компанија, тука е и Dynamic Island во изведба од Huawei.

Во случајот на Huawei, оваа функција ќе биде поставена на левата страна од екранот, не горниот дел секако и преку истата ќе се прикажуваат одредени известувања, како и информации во живо, а со притискање ќе се отвори целата апликација.

За жал, Huawei веќе не е тоа што беше на нашите простори, со што пазарот изгуби голема и одлична конкуренција. Компанијата останува силна на нивниот домашен пазар во Кина, а ќе видиме дали некогаш во иднина можеме да очекуваме враќање на популарноста во остатокот од светот.