Фото: Shutterstock.com

Во најновиот билтен од Марк Гурман, тој во главно пишува за новите функции со генеративна вештачка интелигенција кои ќе бидат дел од iOS 18 и macOS 15, како и договорот кој го имаат направено Apple со OpenAI.

Во мал дел од објавата тој дава и една информација која не е поврзана со вештачката интелигенција. Гурман најавува промена кај главниот екран во iOS 18, нешто што можеби не е ново и големо за Android, но доста големо како промена за iOS.

Корисниците конечно ќе добијат можност да ги постават своите икони каде сакаат на екранот, наместо како што е сега случајот тие да мора да се поставени во линија, една по друга.

Ова сигурно е нешто што одамна се бара на платформата, а е достапно кај Android уште од првата верзија.

Втората новина која ја најавува Гурман е прилично нова дури и за Android, иако не се работи за истата можност.

Корисниците во iOS 18 ќе можат да ја менуваат бојата на иконите од апликациите на главниот екран, а истото треба да биде достапно за секоја икона посебно. Тоа значи дека корисниците, покрај во посебни папки, ќе можат да ги групираат иконите врз основа на видов на апликација, а Гурман дава и пример за избор на иста боја за апликациите од друштвените мрежи.

WWDC 2024 се одржува од 10 јуни, па не останува уште многу додека ги видиме сите овие новини официјално.