Познатиот Марк Гурман од Bloomberg во неговиот најнов билтен најавува дека iOS 18 може да биде најголемата надградба на системот досега. Според него, односно неговите извори, внатре во компанијата на годинешната надградба се гледа како на една од најголемите во историјата на компанијата.
За жал, во овој момент тој не даде повеќе информации за да го поддржи ова тврдење, но најави дека тоа ќе го направи наскоро, во некој од следните неделни билтени.
Тоа што во овој момент е познато дека ќе биде ново кај iOS е поддршката за RCS кај Messages, како и воведување на генеративна вештачка интелигенција кај Siri, а можеби и некои други апликации.
Ова само по себе не е доволно за да iOS 18 биде голема, а не па најголемата надградба, но затоа ќе почекаме да видиме што ќе информира Гурман во неделите што следат.
Поддршката за RCS може да се каже дека е поважна за корисниците од САД, каде Messages апликацијата е доста популарна, па корисниците го имаат iMessage протоколот кога разговараат со други Apple корисници, но обичен SMS кога се работи за Android.
Со додавањето на RCS поддршката и зелените „меурчиња“ ќе добијат модерна форма на комуникација, односно ќе можат да се испраќаат поголеми слики и видеа, да се гледа кога корисникот пишува и дали ја прочитал пораката, а се очекува воведување и на шифрирање на разговорите, но за тоа ќе видиме.
Siri како дигитален асистент можеби беше доста познат на почетокот, но способностите не се нешто сериозни во денешно време, а посебно по излегувањето на генеративната вештачка интелигенција и „нејзината“ способност да го разбере корисникот.
Скоро сигурно е дека Apple оваа година ќе се приклучи на трендот и барем Siri ќе добие надградба со оваа поспособна форма на ВИ.
Генеративната ВИ можно е да ја видиме и кај дел од апликациите од компанијата, но засега не е јасно дали тоа ќе биде оваа година и до кој степен.
Официјалните информации ќе ги имаме како и секоја година во јуни на WWDC, а надградбата за сите корисници станува достапна од септември.