Со пуштањето на Galaxy S23 серијата, како и обично, Samsung пушти и понова верзија од нивниот One UI оперативен систем направен на основа на Android. Најновата верзија сега е One UI 5.1 и истата е направена на основа на Android 13, како што беше случајот и со One UI 5.0.
Овие надградби обично донесуваат по некоја новина, но секако не многу како што е случајот со годишните надградби. Дел од новините кај One UI 5.1 вклучуваат ефекти при сликање на „селфи“ слики, побрз пристап до Expert RAW функцијата, подобрувања кај галеријата и повеќе.
Samsung официјално ја нема најавено надградбата за другите нивни уреди, но како и секогаш достапни се други извори на вакви информации.
Според мобилен оператор од Канада, надградбата ќе им стане достапна на корисниците на Galaxy S22 серијата, Galaxy Z Fold4 и Galaxy Z Flip4 до крајот на месецот.
Ова секако не значи дека ќе биде случајот во целиот свет, но значи дека од Samsung ја имаат завршено и пуштено оваа надградба за овие уреди, па доколку не ја добијат останатите корисници во светот до крајот на месецот, може да ја очекуваат идниот.