Оваа недела, согласно со плановите и роковите, е завршен развојот на најновата верзија од јадрото на Linux оперативниот систем, односно Linux Kernel. Најновата верзија ја носи бројката 4.4 и од неа се гледа дека не се работи за поголема нова верзија со кој што би дошле поголеми промени и новини.
Сепак новините коишто се дел од оваа верзија се доволно корисни за да се истакнат, па се очекува и одредени корисници да ги забележат кај своите компјутери, кога оваа верзија ќе стане достапна на нивната дистрибуција од Linux.
Една од главните промени на Linux Kernel 4.4 е подобрената поддршка за неколку нови генерации на процесори. Тука спаѓаат Skylake, најновата генерација на Intel процесорите, Snapdragon 820 од Qualcomm, како и 64 битните процесори од ARM.
Подобрена поддршка за овие процесори во основа значи дека оперативниот систем ќе може многу подобро да ги искористи новите функции кои што ги нуди овој хардвер, а со тоа да се добијат подобри перформанси, помала потрошувачка на енергија и слично.
Linux 4.4 исто така доаѓа со подобра поддршка за искористување на графичката картичка при користење на оперативниот систем во виртуелна средина, односно преку виртуелна машина.
Подобрување има и во TCP/IP протоколот со што се овозможува процесирање на многу поголем број на барања со помало искористување на процесорот.
Целосната листа на промени во Linux Kernel 4.4 можете да ја погледнете на следниот линк.
Извор: ZDNet