Развојот на технологијата, а во овој случај на компјутерската технологија, овозможува да во се помало пакување добиваме компјутери посилни од просечните до пред 10-15 години. Достапни се разни концепти, но и производи кои што овозможуваат цел компјутер во пакување доволно мало да може да го собере во џебот.
Linux Mint и CompuLab во втората половина од оваа година ќе претстават ваков мини компјутер, а истиот е наречен MintBox Mini. Ова не е прв ваков компјутер од Linux Mint, меѓутоа е првиот со ознаката мини, што покажува дека ќе биде доста помал од претходните MintBox модели.
Инаку, Linux Mint е една од попознатите Linux дистрибуции, базирана на Ubuntu. Се карактеризира со одличен и минималистички изглед, а немањето на Unity лента како во Ubuntu, ја прави оваа дистрибуција одлична алтернатива за голем број на корисници.
Новиот MintBox Mini доаѓа со просечни карактеристики, меѓутоа за тоа што е наменет, но и големината, нема потреба да се очекува ништо повеќе. Дизајнот е направен да наликува до некаде на мал рутер и вклучува повеќе порти како USB, HDMI и слично.
MintBox Mini доаѓа со следните карактеристики:
- AMD A4 6400T CPU (64-bit, quad-core, 1GHz)
- Radeon R3 GPU
- 4GB RAM
- 64GB SSD
- 11 b/g/n Wifi и Gigabit Ethernet
- 5 USB порти (3xUSB2.0 и 2xUSB3.0)
- Порта за слушалки/звучници
- 2 HDMI порти
- MicroSD слот за зголемување на просторот за складирање
Оваа верзија од MintBox треба да се продава по цена од 295 долари, како и за 295 евра за европските корисници.
Извор: OMGUbuntu, Linux Mint Blog