Фото: Shutterstock.com

По неколку продолжувања на поддршката за Firefox кај постарите оперативни системи, Mozilla одлучи да не ја продолжи поддршката повторно за шест месеци како што направи во септември минатата година. 

Со оваа одлука, Firefox веќе нема да добива поддршка од почетокот на идниот месец за корисниците на стариот Windows 7, како и Windows 8 и Windows 8.1. 

Тоа значи дека корисниците на овие системи веќе реално ризикуваат да имаат проблем со можните безбедносни пропусти кои веќе нема да бидат ажурирани, па и од Mozilla препорачуваат корисниците да се префрлат на понова верзија од Windows, како Windows 10 или Windows 11. 

„Microsoft ја прекина официјалната поддршка за Windows 7, 8 и 8.1 во јануари 2023 година. Неподдржаните оперативни системи не добиваат безбедносни ажурирања и имаат познати ранливости. Без официјална поддршка од Microsoft, одржувањето на Firefox за застарени оперативни системи станува скапо за Mozilla и ризично за корисниците. – истакнуваат од Mozilla.

Од организацијата препорачуваат и префрлување на некоја од Linux дистрибуциите, а кај повеќето од нив Firefox доаѓа инсталиран како стандарден прелистувач. 

Инаку, Mozilla овозможуваше поддршка со безбедносни надградби за Firefox 115 ESR за постарите оперативни системи, верзија со долгорочна поддршка која и не е најновата достапна. Тоа значи дека корисниците и со поддршката не го добиваа баш најновото и најдобро корисничко искуство. 

Инаку, кога сме на темата Mozilla, од организацијата објавија дека на корисниците на најновите верзии од Firefox ќе им овозможи целосно блокирање на функциите со вештачка интелигенција, кои не се баш добредојдени за голем дел од корисниците.