Google ја пушти петата и последна тест верзија, односно Developer Preview верзија од Android N пред официјалното пуштање на оперативниот систем подоцна во летото.
Тест верзиите се во главно наменети за програмерите кои на овој начин треба да ги прилагодат и тестираат своите апликации за новата верзија, но и да го тестираат самиот оперативен систем. Истите се достапни и за обичните корисници кои може да ги инсталираат на поддржаните уреди (Nexus 6, Nexus 5X, Nexus 6P, Nexus 9).
Најновата верзија не донесува некои новини, а тие во главно би ги интересирале програмерите. Ова е очекувано со оглед на фактот што развојот на системот е скоро при крај, па овој период се користи за дополнителна исправка на багови и слично.
Инаку за потсетување, Android N официјално ќе биде наречен Android Nougat и на корисниците ќе им донесе одредени подобрувања во корисничкото искуство, иако не се работи за драстична промена која обично се случува на неколку верзии.
Една од поинтересните новини кај оваа верзија е вградената можност во самиот систем за вклучување на две апликации во исто време една до друга. Ова досега беше овозможувано од другите производители, а истите сега веќе нема да мора сами да го програмираат решението.
Nougat исто така донесува подобрувања во работата со известувањата, односно на истите сега ќе може да се одговори директно од самото известување.