Корејскиот гигант дефинитивно има најмногу хардверски иновации на смартфон сцената и општо е прифатено дека нивните смартфони од високата класа изгледаат најдобро. Сепак, софтверот TouchWiz кој беше ставен врз Android, како своевидно подобрување, нема особена популарност поради преголемиот број на непотребни апликации и функционалности. Ова почна да се менува последнава година, а како резултат на тоа ќе се смени и името.
Најновата бета надградба на Android Nougat за Galaxy S7 и S7 Edge отсега го носи името Samsung Experience за сите подобрувања кои ги прави Samsung врз чистата верзија на Android од Google. Ова скоро сигурно значи дека непопуларното име TouchWiz ќе замине во историја, а заедно со него и сино – зелено обоениот интерфејс, кој сега ќе изгледа многу поминималистички и порафинирано.
Бета надградбата за Galaxy S7 и S7 Edge, покрај промената на името, донесе и неколку подобрувања. Сега во неа се достапни и апликациите Samsung Pass и Samsung Note, во Quick Panel делот со брзи подесувања има копче за автоматско подесување на светлината, а во делот за мултитаскинг, копчето за исклучување на сите апликации е во долниот дел.
Оваа надградба сепак има и неколку проблеми и се уште не е препорачлива за генералната публика. Имено, телефонот не реагира веднаш на притискање на копчето за отклучување, односно има одредено каснење, а има и проблеми со Wi-Fi поврзувањето. Наскоро се очекува нова надградба која ќе ги елиминира овие проблеми.
Официјалната надградба на Nougat за Galaxy S7 и S7 Edge се очекува за почетокот на наредната година и таа ќе биде директно на верзијата 7.1.1, а не 7.0 како што се очекуваше претходно.
Извор: Android Central, Tech Times, NDTV