Корисниците кои уште не ги даваат своите стари верзии од Windows и верно остануваат на нив, сега имаат начин како да инсталираат надградби со што ќе им се подобри безбедноста, приватноста и корисничкото искуство.
Надградбите не се од Microsoft, а компанијата нема никаква врска со новата страна која се обидува да ги рекреира старите страни за надградба на Windows, пред тој процес да стане целосно вграден во системот.
Windows Update Restored е новата дестинација за корисниците на Windows 95, NT 4.0, 98, Me, 2000 и XP, а се најавува поддршка и за дополнителни верзии. Со помош на The Wayback Machine страните изгледаат скоро исто како што изгледале „на времето“, а достапни се неколку верзии од страните.
Корисниците се што треба е да ја отворат соодветната страна за нивниот систем и да направат проверка за надградби, по што истата ќе се симне и инсталира. Достапни се безбедносни надградби, опционални надградби, надградби на „драјверите“, како и уште неколку видови на софтвер за оперативниот систем.
Повторно треба да се нагласи дека овие надградби се неофицијални и Microsoft нема никаква врска со нив. Од страната нагласуваат дека тие не нудат никаква гаранција за функционирањето на надградбите, па корисниците кои ќе ги инсталираат им се препорачува да направат бекап на важните податоци.
Како главната цел на оваа страна се истакнува потребата од одредени организации да можат да продолжат да ги користат овие системи, а во главно од „архивски“ потреби, што значи не се работи за продолжување на векот на системите.