Развојниот тим на Ubuntu донесе одлука за реструктуирање на начинот на кој се испорачува „фирмверот“ (софтвер за хардверот) во претстојната долгорочно поддржана верзија 26.04 LTS.
Наместо досегашниот модел каде што сите датотеки за „фирмверот“ се спакувани во еден голем пакет, новиот пристап предвидува нивно делење на помали и поспецифични сегменти (inux-firmware-intel-wireless, linux-firmware-intel-graphics, linux-firmware-broadcom-wireless…). Поделбата ќе вклучува 17 различни сегменти.
Оваа промена е мотивирана од постојаниот раст на големината на датотеката, која во изминатите години стана сериозен товар за меморискиот простор кај корисниците, особено кај оние со ограничени ресурси.
Со воведувањето на овој механизам, оперативниот систем ќе биде во состојба да ги презема и инсталира само тие компоненти кои се навистина потребни за хардверот на конкретниот компјутер.
Главната предност на овој пристап е драстичното намалување на тежината на првичната инсталација и понатамошните надградби. Во сегашната конфигурација, корисниците честопати се принудени да чуваат стотици мегабајти податоци за уреди кои воопшто не ги поседуваат, како што се различни видео картички или безжични модули од различни производители. Со поделбата на пакетите, Ubuntu 26.04 LTS ќе овозможи почиста инсталација, што е особено важно за серверите и IoT уредите каде секој мегабајт е важен.
Процесот на транзиција ќе биде автоматизиран, па корисниците не би требало да почувствуваат компликации при редовното одржување на системот.
Оваа одлука доаѓа како одговор на долгогодишните дискусии во заедницата околу ефикасноста на Debian-базираните дистрибуции. Иако промената технички е комплексна за имплементација, крајниот резултат ќе биде побрз одзив на менаџерот за пакети и помала потрошувачка на интернет сообраќај при преземање на системските новости.








































