Како дел од WWDC конференцијата која се одржува оваа недела, Apple ги презентира новите верзии од сите нивни оперативни системи, а секако еден од поважните е watchOS.

На ред е единаесеттата верзија од овој систем, односно презентиран беше watchOS 11. Оваа верзија не донесува некои драстични промени, како што може да се каже за претходната, но сепак донесува доволно новини за да вреди надградбата која ќе дојде подоцна во годината.

Една од главните новини е додатокот на една нова апликација и нова мерка кај здравствените функции на часовникот. Преку Vitals апликацијата корисниците ќе можат да видат сумиран заклучок за нивните здравствени мерење при спиење направен врз основа на пулсот, стапката на дишење, температурата на зглобот, траење на спиењето и кислородот во крвта.

Втората новина кај овој дел е мерката за направениот напор при вежбање. Оваа мерка треба да покаже како интензитетот и времетраењето на вежбањето влијае на телото, односно кој е напорот кој корисникот го има направено. Ова логично се менува со кондицијата, односно подготвеноста на корисникот, па е одличен начин да се следи напредокот при вежбањето.

Корисниците можат и самите да внесат проценка за напорот за вежби кои немаат автоматска проценка, како што е вежбањето со тегови, на пример.

watchOS 11 донесува и нови можности кај Fitness апликацијата, како што е можноста да се стави пауза на мерењето на дневните цели, како и нивно поставување посебно за секој ден.

Уште една новина посебно се истакнува, а тоа е додавањето на неколку нови „виџети“ кои сега можат и автоматски да се прикажуваат зависно од периодот од денот или одредени ситуации како почеток на дожд наскоро.

ИЗВОРApple
Претходна статијаДали сакате да сте дел од приказната на средношколци кои се борат со загадениот воздух во нашите заедници?
Следна статијаX „лајковите“ стануваат приватни и достапни само за тој што ја има направено објавата
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.