Windows 11 конечно доби една мала, но доста корисна функција која беше најавена уште во 2023 година. Истата беше дел од тест верзиите од системот, но сега е достапна и во официјалните верзии за сите корисници.
Се работи за можноста, достапна кај повеќето конкуренти, за исклучување на апликациите кои се закочени, директно преку иконата од апликацијата на долната лента.
Оваа активност досега се правеше со отворање на Task Manager апликацијата, па барање на процесот или процесите од апликацијата, па притискање на „End task“ копчето.
Ова секако не е којзнае колку долг процес, но сепак достапноста на „End task“ можноста директно преку долната лента од Windows 11, го прави системот доста покорисен и практичен за корисниците.

Оваа новина не е автоматски вклучена и е „сокриена“ во делот наменет за програмерите, односно во Settings > System > For Developers. Тука може да се најде можноста за вклучување на End Task функцијата, по што истата станува дел од менито до кое се пристапува со десен клик на апликација на долната лента.
Фактот што оваа новина е дел од прилагодувањата за програмерите покажува дека сепак е наменета за корисниците кои се разбираат доволно, а не за сите. Исклучувањето на апликациите на овој начин доаѓа со ризик од губење на незачуваната работа, но кога некоја апликација ќе се закочи, не ретко тоа секако ќе се случи.