Windows 8 отсекогаш бил еден од најконтроверзните оперативни системи на Microsoft. Во 2012 година, компанијата одлучи радикално да го промени корисничкиот интерфејс со Metro (подоцна наречен Modern UI) – големи квадратни плочки, хоризонтално „скролање“, целосен екран за апликации и отсуство на класичното Start мени кое во основа беше заменето за овој интерјфес.
Многумина го мразеа, дел сметаа дека е предвреме, а на крај Microsoft брзо се откажа од него со Windows 10.
Еден програмер одлучи да го оживее токму тој интерфејс и тоа на Linux, очекувано и логично. Проектот се вика Win8DE и е целосна десктоп околина што го рекреира изгледот и чувството на Windows 8.
На GitHub страницата на проектот може да видите видео што покажува колку реално е копиран изгледот од шарени квадратни и правоаголни плочки, хоризонтално „скролачки“ страници каде што сами ги распоредувате апликациите, компактна листа со инсталираните програми и фонтови и бои што веднаш ве враќаат во средината на 2010-тите.
Она што го нема е познатиот „charms бар“ (менито што се појавуваше од десната страна), а програмерот едноставно истакнува дека „не го додадов charms menu затоа што отсекогаш мислев дека е бескорисно“.
Проектот е сè уште во активен развој, а инструкциите за инсталација се достапни на GitHub.
Дали некој навистина ќе го користи Win8DE за секојдневна работа? Веројатно не. Но, во време кога Linux десктопите нудат огромен број на опции, ваков проект е одличен потсетник дека отворениот свет дозволува дури и „најлудите“ идеи да станат реалност.









































