Google оваа недела претстави нова апликација достапна на Android, iOS и на веб. Наречена Spaces, апликацијата е наменета за многу поедноставен, различен и централизиран начин на споделување на линкови, слики, видеа и слично помеѓу групи на корисници.
Апликацијата е едноставно направена, а нејзината задача можеби досега најдобро ја извршува од било кое друго решение.
Идејата зад апликацијата е да корисниците веќе не мора да отвораат различни апликации за да можат да договорат, одење на одмор на пример. Наместо барање на линкови во веб прелистувач, па копирање на линковите во некоја од апликациите за разговори, па повторно враќање во некоја друга апликација, со Spaces сите овие активности можат да се направат од неа.
Исто така, како што истакнуваат од Google, групните разговори во апликациите обично не се баш најдобри за вакви групни договарања поради фактот што разговорот често оди во друг правец, па наоѓањето на потребните информации и линкови, може да се покаже како тешка задача.
Spaces го става акцентот на споделените линкови, а корисниците може да коментираат на истите, со што се добива и можноста за разговори, меѓутоа издвоени од главната работа за групното договарање.
Во апликацијата се интегрирани Google Search, YouTube и Chrome, па поради тоа сите активности може да се извршат без потреба од излегување од апликацијата.
Достапна е и можноста за пребарување на споделените работи, па корисниците би требало секогаш лесно да можат да дојдат до потребната информација.
Како тест за апликацијата, Google ќе направи посебен Space за секоја од сесиите на Google I/O конференцијата која започнува оваа недела.
Spaces може да се симне од Play Store, App Store, како и да се пристапи преку веб.