Секојдневно, сите ние користиме некој од сервисите за електронска пошта. Од почетокот на интернетот до денес се појавија многу компании со свои сервиси, но убедливо најмногу корисници успеаја да привлечат Microsoft и Google.
Тие постојано нудат надградби и новини на своите сервиси, сакајќи да им ја олеснат секојдневната употреба на корисниците.
Google најави новина кај нивниот сервис за е-пошта, Gmail. Најновата надградба ќе вклучи прикачување на други мејлови како документ со екстензија .eml.

„Корисниците укажуваат дека постојат ситуации во кои поедноставно е да се прикачат повеќе мејлови одеднаш, наместо да се препраќаат еден по еден. Со новата функционалност се овозможува праќање на една порака која ќе содржи повеќе мејлови. Кои потоа, лицето кон кое е испратена пораката ќе може да ги отвори“, изјавија од Google.
Компанијата започна со имплементација на оваа опција на 9 декември. Најавија дека ќе се одвива постепено, т.е. нема да се појави кај сите корисници истовремено.