Netflix може слободно да се каже дека целосно го промени начинот на којшто гледаме содржина. Од менување на каналите на телевизорот, барајќи нешто интересно да се гледа, надевање дека ќе биде начекано на почеток, а тука се и рекламите, до едноставно гледање на тоа што сакаме, кога сакаме, без досадните реклами.
Сепак, ова не значи дека гледањето на содржина во денешно време е до толку едноставно. Преголемиот избор некогаш прави да не знаеме што сакаме да гледаме, а посебно кога ја имаме завршено последната серија која сме ја изгледале целата за само неколку недели.
Во вакви ситуации можеби ни фали неизвесноста на гледањето на телевизија, кога не мора да мислиме што сакаме да гледаме, туку едноставно пуштаме случајно да нешто ни се погоди.
Netflix на ограничен број на корисници на нивната Android апликација, почна да им прикажува листа со случајно избрани епизоди од сериите, а исто така додаде и копче за случаен избор на епизода наместо копчето за следна епизода.


Ова секако може да се замисли како добар концепт за сериите кои немаат голема поврзаност од епизода до епизода, но не сум сигурен како би функционирало со останатите. Изгледа е добар начин за сериите кои веќе ги имаме изгледано.
Јас се чудам зошто во тестот не е вклучена листа на случајно избрани филмови или уште подобро едно копче кое случајно ќе почне да ни прикажува некој филм.
Како и да е, оваа функција е само во тест фаза, па зависно од реакцијата на корисниците кои ја имаат добиено, ќе биде или не пуштена за останатите корисници.