Почнувајќи од 6ти идниот месец, односно април, на корисниците веќе нема да им го попречуваат гледањето на видеата на YouTube рекламите кои се прикажуваат во форма на лента во долниот дел од видеото.
Овој видео формат, кој беше достапен само на десктоп верзијата од YouTube, ќе биде тргнат од мрежата, а акцентот ќе биде ставен повеќе на другите формати на реклами.

Ова од една страна е добра вест за корисниците, кои веќе нема да бидат попречувани во тоа што го гледаат со лента која ја покрива содржината. Од друга страна, оваа лента се прикажува без да биде прекинато видеото, може да се тргне, а другите формати на реклами може да се и „полоши“.
Ова значи дека корисниците на десктоп изгледа може да очекуваат повеќе од видео рекламите кои се прикажуваат на почетокот, за време и по видеата, а тука се и рекламните формати околу видеото.
Најдобро решение за гледање на YouTube без попречување од рекламите е да се користи YouTube Premium претплатата која чини околу 9 долари месечно, но не сите би сакале да ја плаќаат.
На мобилните оваа промена не прави никаква разлика со оглед на тоа што ваквите реклами не беа дел од мобилната верзија од мрежата, ниту од апликацијата.