Додека се’ уште чекаме на HiFi квалитетот од Spotify, иако е прашање дали прави разлика за повеќето корисници, информациите откриваат дека од компанијата размислуваат за додавање на цели видеа на сервисот.
Моментално на Spotify се достапни само кратки анимации до 10 секунди кои можат да бидат додадени на секоја песна, како и 30 секунди простор за музичарите да кажат нешто за својата работа.
Пуштањето на можноста да се објавуваат целосни видеа од страна на музичарите ќе направи да Spotify почне многу повеќе да им конкурира на сервисите како YouTube, но секако и на TikTok кој е можеби најмногу популарен, а посебно кај младите.
Информацијата за овие планови на Spotify ја објавува Bloomberg, но тие истакнуваат дека засега нема никаква потврда од страна на компанијата. Исто така, нема информации со кого ја договараат соработката, како и тоа кога може да ја очекуваме да биде пуштена.
Што се однесува до конкуренцијата со TikTok, во март оваа година Spotify пушти нов начин за откривање на музика кој има кориснички интерфејс сличен на видеата од TikTok, Instagram и слични.