Фото: Google

YouTube официјално објави дека воведува две од најбараните функции во својот Premium Lite пакет, со што оваа поевтина претплата станува реално повеќе вредна за корисниците. 

Корисниците кои се претплатени на овој пакет сега ќе можат да ги гледаат видеата без интернет врска и да ја користат опцијата за репродукција во позадина (Background Play), што досега беше ексклузивна привилегија на стандардниот и поскап Premium пакет.

Одлуката за ова проширување доаѓа по повратните информации од корисниците во тест периодот, кои иако ја прифатија пониската цена, сепак бараа поголема флексибилност при користењето на мобилните уреди. 

Важно е да се напомене дека Premium Lite и понатаму ги задржува своите основни ограничувања во однос на содржината. Рекламите и понатаму ќе бидат видливи кај музичките видеа и Shorts содржините, како и при пребарување низ апликацијата. 

Исто така, претплатата не вклучува пристап до YouTube Music Premium, што останува главната разлика во однос на стандардниот пакет.

За жал, Premium Lite пакетот сѐ уште е достапен само во мал број на земји, меѓу кои не е и нашата, но сепак кога ќе се земе во предвид доста пониската цена на Premium пакетот во споредба со овие земји, не изненадува што достапноста сепак е ограничена.