Google продолжува со тестирањето на различни мерки со кои треба да ги „демотивира“ корисниците да ги блокираат рекламите на YouTube или да се претплатат на не толку евтината YouTube Premium претплата.
Во мај можевме да прочитаме дека од компанијата тестираат прикажување на известување преку кое се бара деактивирање на додатоците кои ги блокираат рекламите или претплата на YouTube Premium. Сега оваа мерка е уште построга, па корисниците кои нема да го „послушаат“ известувањето ќе им биде блокирана можноста да ги гледаат видеата.
Нема точна информација колку опомени се потребни пред да биде блокирано гледањето на видеата, но според некои од нив, потребни се три опомени.
Од Google ова цело време го правдаат со потребата од заработка за да може да им се плаќа на креаторите на мрежата, а со тоа истата да остане бесплатна. Проблем за корисниците стануваат се подолгите реклами кои покрај на видеата, се прикажуваат и како банери околу нив.
Тестирањето се прави на мал број на корисници, па засега не треба да се очекува дека оваа мерка ќе им биде пуштена на сите корисници во светот. Со оглед на огромниот број на претплатници на YouTube Premium, ќе видиме во кој правец планираат да одат од компанијата.