Досега, сите купувачи кои сакаат смартфон отпорен на вода и удари, мора да посегнат по многу скапи телефони од повисоките класи. Новиот смартфон на Alcatel сака да го смени тоа, односно да им овозможи вакви карактеристики и на купувачите со поплиток џеб.
Главните адути на GO PLAY секако се IP67 отпорноста на вода – од компанијата дури порачуваат дека смартфонот може да се користи и за фотографирање под вода (до 1 метар длабочина), што е одлична вест за оние што сакаат да имаат кул слики од летниот одмор. Телефонот е отпорен и на удари и на прашина, а за екстра заштита за оние навистина „несмасните“, Alcatel нуди и специјална силиконска футрола, која ќе се погрижи уредот да остане здрав дури и при паѓање на бетон.
Спецификациите се инаку прилично стандардни за средната класа – процесорот е Snapdragon 410 со четири јадра на 1.2 GHz, помогнат од 2 GB рам меморија и 16 GB простор со можност за проширување преку micro SD картичка. Дисплејот има големина од 5 инчи и HD резолуција, што е прилично солидно, додека батеријата има капацитет од 2.500 mAh. GO PLAY ќе доаѓа со вграден Android 5.0, но би требало да има надградба за најновата верзија Marshmallow 6.0.
Камерите се исто така стандардни за класата – задната има 8 мегапиксели, додека предната има 5. Сепак, Alcatel има вградено неколку трикови на софтверската страна, како на пример можност за сликање HDR фотографии и Time Lapse видеа, а корисникот може на секоја фотографија да стави и помала фотографија со својата реакција, сликајќи со двете камери одеднаш. Задната камера може да снима Full HD видео, што е исто така добра вест.
За купувачите на нашиот пазар кои спортуваат и често се во движење, според сите овие спецификации, се чини дека GO PLAY ќе биде одличен избор, особено што цената би требало да биде прилично ниска – во САД ќе чини 199 долари, што обично значи дека во Европа би требал да чини 199 евра.
Извор: 9to5Google, Android Headlines, Alcatel