И покрај тоа што во моментов е најголемиот производител на паметни телефони во светот, според еден интернет аналитичар (Бен Баџарин), Samsung ќе се повлече од пазарот на паметни телефони за пет години. Но, колку навистина ова може да се случи?
Прво, мора да посочам на некои факти со кои се служи Бен, а се точни. И покрај тоа што продава многу смартфони, Samsung нема многу профит од нив, бидејќи поголемиот дел се поевтини телефони од пониските класи. За разлика од нив, Apple прави дебели профити на iPhone моделите и има вистинска причина да продолжи со iPhone, макар и ги затворил сите други бизниси.
Вториот проблем е новата кинеска конкуренција во Android секторот, која нуди многу поевтини телефони со слични спецификации и можности и за која се почесто се одлучуваат купувачите. Едноставно, според неговите зборови, Samsung не нуди нешто навистина различно. Сепак, истото може да се каже и за Apple – неговите телефони се многу, многу поскапи од скоро сите други модели.
Бен посочува дека и покрај тоа, проблемот лежи во оперативниот систем, Android. На пример, тој не гледа разлика во различните модели со оперативниот систем на Google, бијдеќи го нудат генерално истото искуство и предвидува дека купувачите ќе продолжат да се одлучуваат за се поевтини телефони кои ги нудат целосно истите можности.
Сепак, да се каже дека Samsung ќе се повлече од трката само заради овие проблеми е малку претерано. Корејскиот производител е длабоко навлезен во оваа индустрија, пред се со многу иновации, кои реално ја придвижуваат напред. Наскоро, тие треба да бидат први во светот со телефон кој ќе може да се свитка, што е нешто кое за да го стигне конкуренцијата, ќе и требаат неколку години.
Исто така, паметните телефони веќе го доживуваат зенитот. Како што беше случајот со десктоп компјутерите и како што е во моментов случајот со лаптопите и таблетите и’ продажбата на смартфоните ќе почне да опаѓа. Иднината на компјутерските уреди е во поврзување на различните концепти, нешто што Samsung секако ќе може да го направи со (на пример) помал таблет кој ќе може да се свитка и да се користи како телефон, слично на миграцијата на поголемите таблети со лаптопите кој започна со Windows 8.
Ако се прашувам јас, би рекол дека за пет години отсега не само што Samsung нема да се повлече од трката за паметните телефони, туку самите смартфони нема да бидат какви што се денес. Нема ни да има трка за „паметни телефони“. Едноставно, ќе мигрираат во нешто различно, во компјутерски уреди кои целосно ќе го заменат начинот на кој функционираме. Според мене, размислувањето на Бен не само што не е точно, туку е и заостанато – за пет години ќе се појави новиот “iPhone”, односно уред кој ќе започне нова ера во компјутерската и интернет технологијата.
Извор: Extreme Tech, Tech Opinions