Како и секоја година во изминатава деценија, Apple во Септември ќе ги претстави новите модели на својот најуспешен уред, iPhone, заедно со неколку други уреди, кои веќе долго време чекаат на надградба.
За разлика од порано, кога Apple таблетите и телефоните ги претставуваше на одделни настани, сега се очекува и нов iPad и тоа многу веројатно долго очекуваната Pro верзија, која ќе конкурира на Surface серијата на Microsoft (и новиот Surface Pro 4 треба да биде претставен наскоро). Таблетот би имал дисплеј од 12,9 инчи, но и натаму ќе биде опремен со iOS, а не со десктоп оперативниот систем OS X.
Истиот ден, конечно треба да биде претставен и новиот Apple TV, уред кој веќе подолго време е надминат од главните конкуренти и кој треба да доживее целосен редизајн и големи промени во внатрешноста и во хардверот и во софтверот.
Телефоните ќе бидат во “S” варијанта, што значи дека однадвор нема да бидат многу различни од актуелните iPhone-и. Сепак, големите промени ќе се случат однатре, а најзабележителна ќе биде употребата на “Force Touch” технологијата, која веќе се употребува во новите MacBook компјутери и Apple Watch, а која ќе донесе можност за различни команди во iOS, зависно од тоа колку силно ќе притиснете со прстот. Исто така, има информации според кои Apple ќе претстави и помал iPhone, кој ќе се вика 6С и кој ќе има големина на дисплејот од 4 инчи.
Покрај хардвер, Apple ќе го претстави и новиот iOS 9, кој треба да донесе неколку подобрувања во однос на претходникот, а тоа главно ќе биде можноста за подобар мултитаскинг кај iPad, односно работењето со две апликации една до друга.