За многумина е изненадување, но постарите iPhone-и со екрани со големина од 4 инчи и натаму имаат многу следбеници. Всушност, две години стариот 5S и натаму добро се продава, што е показател дека многу корисници не се импресионирани од големината на новите iPhone-и. Поради тоа, Apple спрема освежена верзија на iPhone 5S, која повторно ќе има 4 инчен дисплеј и A8 процесор.
Ова значи дека овој модел нема да го добие најмоќниот процесор на Apple моментално, но за многумина и A8-ката треба да биде и повеќе од доволна, особено што помалиот iPhone ќе има и помала резолуција на дисплејот од поголемите 6S и 6S Plus, што значи дека нема ни да има толкава потреба од процесорска и графичка моќ.
Покрај тоа што ќе има помал дисплеј од најновите модели, iPhone 5S Mark II (или iPhone 6C, се уште нема информации за името) најверојатно ќе има и малку послаба камера со 8 мегапиксели, односно онаа од iPhone 6. Исто така, скоро сигурно е дека системот 3D Touch нема да се вградува во овој модел.
Можно е да има промени и во дизајнот, кој сега би требало да ги следи линиите на iPhone-ите од последните две генерации.
Оваа информација се уште не е официјално потврдена, но бидејќи е од Mac Otakara, јапонскиот блог кој има историја на погодени информации за продуктите на Apple, може да ја сметаме како прилично сигурна.
Извор: MacRumors