Главниот тренд кај смартфоните од високите класи оваа година е малата рамка околу екранот. Иако вакви модели започнаа уште пред некоја година, телефони без скоро воопшто рамка околу екранот почнаа да излегуваат оваа година.
Очекувано, вакви се очекувањата и за јубилејниот iPhone 8 кој треба да биде претставен оваа есен, како посебен, екстра модел покрај стандардните надградби на моменталните 7ци.
Дека iPhone 8 ќе има дизајн со мала или воопшто рамка околу екранот веќе има доволно неофицијални информации, па слободно може да се смета дека тоа ќе биде така. Денес можевме да го видиме тоа скоро потврдено од страна на Apple, преку откривање на дизајнот на новиот уред во објавениот код за HomePod од компанијата.
Во овој код достапни се уште неколку информации кои не интересираат, а се поврзани со новиот уред. Па така, во кодот може да се видат референци кои покажуваат дека Apple дефинитивно работи на нов систем за препознавање на лицето на корисникот, како дополнителен систем за заштита или целосна замена на Touch ID.
Главната причина поради која се шпекулира дека Apple ќе „мора“ да воведе некој ваков систем е малата рамка околу екранот на новиот iPhone, што ќе направи скоро невозможно да се вгради сензорот Touch ID.
Технологијата за вградување под екранот изгледа се’ уште не е доволно развиена, па Apple ќе мора или да го вгради овој сензор или на друго место или целосно да го замени.
За каква варијанта ќе се одлучат од компанијата ќе видиме за некој месец, па не интересира дали ќе успеат да не изненадат.