nexus2cee_ASUS-ZenFone-Zoom_front-and-back

Камерите кај паметните телефони стануваат се подобри, но има една работа кој често пати му фали на „фотографот“, а тоа е можноста да се доближите до субјектот, без притоа да ги користите нозете… Оптичкиот зум може да биде навистина корисен и затоа Asus се одлучи да вгради таква леќа во својот нов, моќен ZenFone Zoom паметен телефон.

Камерата инаку има 13 мегапиксели, што е во рамките на повисоките класи, но целата приказна тука е во можноста за оптички зум и тоа до 3 пати, заедно со оптичка стабилизација на сликата, ласерски автофокусен систем и две светилки за блиц. И сето тоа сместено во тело со дебелина од само 12 mm, што го прави најтенкиот телефон со зум во светот.

Да појаснам – оптичкиот зум не го намалува квалитетот на сликата, односно нема да загубите на резолуција доколку зумирате, за разлика од другите паметни телефони со дигитален зум. Сепак, ова не значи дека камерата на ZenFone Zoom нема слабости – снима само Full HD видео, во време кога 4K е нормата. Предната камера пак има 5 мегапиксели, што би требало да ги задоволи селфи ентузијастите.

Останатите компоненти на ZenFone Zoom се прилично моќни – дисплејот е 5,5 инчен со Full HD резолуција, процесорот е 64-битен Intel Atom Z3580 со четири јадра на 2,3 Ghz, помогнат од 4 GB рам меморија во помоќниот модел, односно 2 GB рам меморија во основниот.

Ќе бидат понудени и неколку изведби, различни по капацитетот на просторот за складирање податоци – 16, 32, 64 и 128 GB и сите ќе имаат можност за проширување преку micro SD картичка. Батеријата на ZenFone Zoom има капацитет од 3.000 mAh, што би требало да е доволно за да може цел ден да фотографирате со него.

Уредот ќе доаѓа и во верзија со Dual SIM, а во старт ќе се вградува Android Lollipop, со можност за надградба на Marshmallow во иднина.

Asus ZenFone веќе беше најавен на почетокот од годинава и требаше да помине навистина долго време за да биде претставен официјално, но и покрај тоа и натаму нема информација за цената на уредот. Сепак, знаејќи ги агресивно ниските цени на другите ZenFone уреди, не би очекувал да изнесува над 400 евра.

Извор: Ubergizmo, Android Central, GSMArena

Претходна статијаДостапна Windows Insider Preview верзијата 11082, прва во серијата на новите надградби
Следна статијаVisionTek има нови SSD USB стикчиња, со голем капацитет и високи брзини