Во многу игри од прво лице, како на пример Call of Duty, од исклучителна важност е да имате што пошироко видно поле, со цел порано да ги забележите противниците. Затоа, ултра широките заоблени монитори стануваат се попопуларни, но Asus ROG Swift PG348Q не е само широк монитор, туку има уште неколку уникатни гејмерски можности.
Резолуцијата на екранот не е 4K, но со 3440х1440 пиксели нуди доволно добра острина за скоро сите корисници, а притоа не бара толку многу од графичката картичка. Со сооднос од 21:9, мониторот влегува во ултра широката категорија и има блага заобленост.
Идејата е корисникот да има многу пошироко видно поле кое ќе му биде во фокус, односно на иста оддалеченост од окото. Така, доколку седите блиску до мониторот, краевите и центарот ќе бидат подеднакво оддалечени и ќе добиете чувство на вистинско опкружување во игрите.
Покрај тоа, мониторот е опремен со Nvidia G-Sync технологијата, која го анулира каснењето на комуникацијата меѓу графичката и мониторот, што овозможува многу помазни движење. Самиот панел има и фреквенција на освежување од 100 Hz, што дополнително придонесува за брзиот одговор на командите на играчот.
Однадвор мониторот е со истиот дизајн како сите други гејмерски компоненти на Asus, што значи дека има алуминиум кој е прошаран во модерни, Sci-Fi шеми, а користено е и LED осветлување на неколку делови, како она што се проектира на масата под мониторот.
Засега немаме информации за цената на овој извонреден монитор, но не очекувајте да е евтин, односно со сигурност сумата ќе е четири цифрена, во евра.
Извор: Windows Central