ZenFone линијата на паметни телефони на Asus веќе неколку години по ред нуди одлични спецификации по многу ниска цена, но новиот Deluxe модел не само што е поевтин од конкурентите во високата класа, туку е побрз и од сите нив.
Причината за ова е што ZenFone 3 Deluxe е првиот телефон во светот со Snapdragon 821 процесорот на Qualcomm, кој донесува подобрување од околу 10% во однос на претходникот. Тука моќниот чип е помогнат од огромни 6 GB рам меморија, што е исто така карактеристика која ја немаат етаблираните конкуренти, додека може да се специфицира и модел со 256 GB внатрешен простор. Импресивно.
Сепак, основните модели кои ќе бидат опремени со 6 GB рам и 64 GB простор, односно 4 GB рам и 32 GB простор ќе доаѓаат со вграден Snapdragon 820 процесор. Овие изведби можеби нема да ги имаат перформансите на моделот со Snapdragon 821, но ќе бидат многу поевтини – цената (во Кина) почнува од 500 долари за Snapdragon 820 Моделот со 4/32 GB до 780 долари за моделот со Snapdragon 821 и 6/256 GB.
ZenFone 3 Deluxe инаку е опремен со 5,7 инчен AMOLED дисплеј со Full HD резолуција, што е единствената работа каде е послаб од конкурентите. Од друга страна, ова би можело да помогне во вадење на максимум перформанси од чипот, кој тука не би морал да движи толку многу пиксели како кај Quad HD дисплеите и следствено на тоа би можел да понуди уште помазна работа.
На хартија, ZenFone 3 Deluxe има и извонредни камери – задната има 23 мегапиксели со оптичка стабилизација и f2.0 бленда, додека предната има 8 мегапиксели со f2.0 бленда. Батеријата има капацитет од 3.000 mAh, што делува како минимум за толку голем телефон, додека во задниот дел е вграден и читач за отпечатоци на прстите.
Интересно, ZenFone 3 Deluxe има и сертификација за Google Daydream VR платформата, што значи дека е подготвен за наредната генерација на виртуелна реалност во Android.
Извор: The Next Web, Engadget, The Verge