Луксузно изработените и супер брзи телефони од високата класа секогаш се вистинско задоволство да се користат, но тоа важи само додека трае батеријата. Да, работите се сменија последниве неколку години, но за долго траење и натаму ќе треба да одберете телефон од средната класа или пак некој кинески телефон.
ASUS е еден од етаблираните производители кој нуди ваков модел – ZenFone 4 Max е своевиден супер телефон, кој има огромна батерија од 5.000 mAh.
Уште поинтересно е што од ASUS велат дека направиле цела низа подобрувања во софтверот со PowerMaster технологија, кои ќе овозможат подобро искористување на целиот капацитет на батеријата, за уште подолго траење.
Тие се толку убедени во траењето на батеријата на овој смартфон, што со него ќе можете да полните и други надворешни уреди, како на пример Bluetooth звучници или слушалки, па дури и друг смартфон.
Ова не се единствените адути на ZenFone 4 Max. Назад тој има двојна камера – едната е стандардна со 13 мегапиксели и f/2.0 бленда, додека другата има 13 мегапиксели и супер широк агол од 120 степени. Предната камера пак има 8 мегапиксели и дури има вграден блиц за супер селфија.
Дисплејот пак има големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција, што е солидно со оглед на класата.
Во внатрешноста на телефонот работите сепак не се толку сјајни – процесорите Snapdragon 425 и 430 (зависно од верзијата) се прилично застарени и од нив не може да се очекуваат којзнае колку добри перформанси, иако се помогнат од 2 или 3 GB рам и 16, 32 GB или 64 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка.
Телефонот ќе биде опремен со Android Nougat 7.0 и посебен Zen UI интерфејс на ASUS.
ZenFone 4 Max ќе почне со продажба во Русија, каде цената ќе изнесува прилично достапни 230 долари, но кај нас очекувајте да биде малку повисока.