Едно од подобрите решенија за смартфон кој нема предна камера, а со тоа ни рамка, исечок или дупка на екранот, е задната камера да може да се сврти и да се користи за „селфи“ потребите. Иако тие не се единствена на пазарот со вакво решение, Asus се меѓу ретките кои имаат телефони кои вклучуваат ваков механизам, а во овој случај и кај уред од највисоката класа.
Asus Zenfone 6 од минатата година го добива својот наследник, поточно два наследници преку годинешните Zenfone 7 и Zenfone 7 Pro.
Главната карактеристика останува, а исто така добива и подобрувања кои се очекувани. Механизмот на задните камери, кој се преклопува и насочува кон предната страна, е дополнително засилен и оптимизиран за да може да издржи дупло повеќе движења пред да почне да се очекува да не функционира како што треба. Од Asus истакнуваат дека корисниците би требало да го придвижуваат модулот по 100 пати на ден во време од 5 години за да може да го расипат.
Zenfone 7 оваа година добива три камери, а тие се со 64 мегапиксели кај главната камера со широк агол на сликање, 12 мегапиксели кај втората камера со ултра широк агол за сликање од 113 степени, како и камера со 8 мегапиксели и можност за зумирање.

Покрај тоа што кога се користи ваков механизам и модул за камерите, екранот може да биде без исечок или дупка, има и уште една предност. Корисниците ги користат главните камери кои најчесто се подобри, за сликање на селфи слики, а на помош доаѓа и камерата со ултра широк агол за можност да собере повеќе луѓе.
Екранот кај Asus Zenfone 7 и Zenfone 7 Pro е со големина од 6,67 инчи и има Full HD резолуција, но не и повеќе. Се истакнува високото ниво на светлина кое може да биде прикажано, како и стапката на освежување од 90 херци, нешто што ќе ја направи работата со телефонот доста подобра.
Zenfone 7 работи на Snapdragon 865 со 6GB RAM, заедно со 128GB простор за податоци, додека Zenfone 7 Pro доаѓа со нешто посилниот Snapdragon 865+ со 8GB RAM и 256GB простор за податоци.
Телефоните доаѓаат со сензор за отпечатоци, за жал, на страничното копче за отклучување, наместо под екранот, а исто така нема водоотпорност, но не веруваме дека тоа би има направило многу разлика на корисниците.