Како што и самото име назначува, BlackBerry Priv, првиот Android телефон од компанијата ќе го продолжи стилот на работа по кој што е и позната. BlackBerry Priv ќе нуди дополнителни функции кои што ќе треба да им овозможат на корисниците поголема контрола врз својата приватност, а се очекува дека како и порано, овој телефон ќе биде најмногу привлечен за бизнис корисниците.
Покрај дополнителните софтверски решенија кои што ќе бидат дел од оперативниот систем, оваа недела од компанијата излегоа и со дополнителни информации за функциите и начинот на работа кои што треба да го направат овој телефон посигурен од просечните Android уреди.
BlackBerry Priv ќе биде редовно надградуван со што ќе се осигура дека сите безбедносни пропусти ќе биде навремено затворени. Тоа треба да им овозможи на корисниците еден вид на сигурност дека нивниот телефон, ако не друго, ќе биде потешко да биде пробиен, а нивните податоци украдени.
Системот за надградби ќе биде овозможен во соработка со Google и операторите. Google веќе ги известува производителите за пронајдените безбедносни пропусти во оперативниот систем, а истите по истек на одреден рок ги објавува во јавноста. BlackBerry се обврзува дека пронајдените пропусти навремено ќе ги затвора и нема да чека нивно искористување од потенцијални хакери.
Исто така, како дел од надградбите ќе бидат достапни и закрпи кои што ќе бидат објавувани почесто од системот на редовни надградби кој што ќе биде на месечно ниво. Се што ќе биде вонредно откриено, ќе биде веднаш пуштено како надградба, се разбира доколку е закрпен пропустот.
Со оглед на тоа што се очекува дека овој телефон ќе има повеќе бизнис корисници од обичните, BlackBerry ќе нуди можност за одложување на надградбите на системот, нешто што ќе може да го контролираат администраторите во компаниите. Ова е направено со цел да се осигура целосна компатибилност на апликациите кои што работат на телефонот со верзиите од системот кои што се издаваат.
Информациите кои што ќе покажат што префрлувањето на Android ќе направи за BlackBerry ги очекуваме со нетрпение. Се разбира не се очекува драстично зголемување на пазарниот удел на BlackBerry, меѓутоа сигурно ќе може да се види дали компанијата ќе може да продолжи да функционира.
Извор: BlackBerry, TechRadar