Сите сме го имале проблемот со прегревање на паметниот телефон кога ќе го заборавиме во автомобилот подолго време во лето, но тоа знае да се случи и при подолго возење. Навистина, автомобилите со клима уред ја снижуваат температурата во внатрешноста, но местата каде најчесто ги оставаме телефоните остануваат прилично жешки и го прегреваат телефонот до опасни размери.
Американскиот производител Chevrolet отсега во своите модели наменети за матичниот пазар ќе вградува специјална преграда за ставање на телефонот, во која ќе биде спроведен воздух од клима уредот и која се вика Active Phone Cooling. Ладниот воздух ќе дува директно во телефонот и ќе го држи на оптимална температура дури и во најжешките денови. Ова ќе го продолжи траењето на батеријата, но и воопшто, на целиот телефон и неговите осетливи компоненти.
Покрај тоа што отворот ќе биде ладен од клима уредот, ќе има и безжично полнење за сите телефони кои го поддржуваат тоа. Ова значи дека со секое оставање на мобилниот телефон во преградата, не само што ќе ви остане ладен, туку и ќе се полни батеријата. Многу други производители веќе нудат решенија со безжично полнење, но без можност за ладење.
Според тоа како се движат работите во автомобилската индустрија, ваквото решение можеме да го очекуваме и кај многу други производители на автомобили, што значи дека наскоро ќе можеме да го добиеме и во модели наменети за европскиот пазар.
Извор: CNet