Оваа година Windows 10 Mobile падна под 1% учество на пазарот на паметни телефони, и иако моја претпоставка е дека може да се врати наредниве неколку години, во моментов на производителите им е тешко да продадат такви телефони. Coship е производител кој е партнер на Microsoft и кој поради слабата продажба на Windows телефони, ќе бара средства од заедницата на Indiegogo за развој на нов уред.
Coship Moly X1 не е особено интересен телефон – има дисплеј со големина од 5,5 инчи и HD резолуција, прилично слаб Snapdragon 400 процесор и 2 GB рам меморија. Идејата на производителот е со овој уред да ги привлече вљубениците во платформата веројатно да ги заменат своите стари Windows Phone уреди со понов телефон, но зошто и би ги замениле кога овој уред не нуди ништо многу подобро? Згора на тоа, Coship Moly X1 е уред кој веќе се продаваше неколку месеци и помина скоро незабележано на пазарот.
Од производителот ја обвинуваат платформата и падот на интересот во неа, но ако сакаат да продадат паметен телефон, сигурно ќе треба да направат поинтересен уред, со подобри спецификации. Вака, заедницата навистина нема особено голем интересен да го поддржи овој уред, макар и биле Windows фанови.
Coship најверојатно нема да успее со овој уред, но компанијата гледа шанса за опстанок во производството на телефон за WhartonBrooks, производител кој треба наскоро да лансира Windows 10 Mobile телефон и се прилично сигурни дека ќе успеат, поточно најавуваат дека ќе бидат новата Lumia.
Извор: MS Power User, WinBeta